ВИДЕО: Трибина за креативно решавање на судири организирана од здружението „Доверба“

„Креативно решавање на судири“ е проект кој го реализира здружението „Доверба“од Куманово. Во рамките на проектот е Програмата за креативно решавање на судири во клас преку која низ обука, наставниците и стручната служба од средните училишта „Наце Буѓони“, „Гоце Делчев“, „Перо Наков“ и „Киро Бурназ“ се запознаа со сет на креативни техники и методи со кои ќе можат да постигнат поголема мотивација и ќе разбудат поголем интерес кај учениците. Проектот, кој финансиски е поддржан од Екуменска иницијатива жена Хрватска, започна со реализација на први јули годинава, а завршува на 15 ноември.

Предавач на трибината на тема „Креативен процес во функција на решавање на судири во училиште “ беше проф. д-р Софија Глигоровска од Филозофскиот факултет од Скопје.

Раководителот на Секторот за образование, Александар Јовановиќ смета дека судирите во одделенијата и класовите можат да се надминат преку основниот триаголник на комуникација,  ученик -наставник – родител.

Низ интерактивен пристап преку вежби и споделување на искуства и идеи за поефикасен пристап кон зајакнување и разбирање на ученици во овој процес им помагаме да доживеат самопочитување и самопотврдување, а со тоа да станат и поотпорни на фрустрации и помалку склони на деструктивно и агресивно однесување, посочува Јанкова.

На трибината говореше и Надица Петровска од здружението „Доверба“, а беше поделена и брошура во која се појаснети повеќе појави, како што се природата на креативноста, што е креативно решавање проблеми, психолошки перспективи за конфликт, видови на конфликт во училишна средина, концепти и модели за решавање на конфликти, важноста на емотивната интелигенција во управувањето со конфликит, теорија на трансформативен конфликт, креативни стратегии за решавање конфликти, реални примери од училиште.