ВИДЕО: „Дедо мраз на мотор“ по 17-ти пат во Куманово
„Дедо Мраз на мотор“ – една од најатрактивните предновогодишни манифестации за граѓаните се одржа денеска традиционално во организација на мото клубот „Мечки“ од Куманово. По 17-ти пат, под мотото „Тажните најубаво се смеат“ членовите на „Мечки“ успешно ја остварија мисијата – изнудија насмевки и радост кај корисниците на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост кој е под надлежност на министерството за труд, а е лоциран кај градинката „Буба мара“. Помошта секоја година се обезбедува со сопствени финансиски средства на клубот, исклучиво според листата на желби на центарот, односно она што во моментот им е итно и неопходно. Но, не изостануваат ниту слатките изненадувања за корисниците и за посетителите на малиот плоштад, посочуваат од мото клубот „Мечки“.
Собирното место на моторџиите традиционално е плоштадот „Маршал Тито“ кај центарот за култура, каде што повеќе од еден час присутните и случајните минувачи имаа можност да уживаат во културно-уметничката програма, но пред се, да се фотографираат со членовите на клубот „Мечки“, но и нивни колеги од други градови маскирани во дедомразовци. Програмата беше збогатена и со ритмички и хорски точки на ученици од основното училиште „Кочо Рацин“.
