ВИДЕО: Ќе се конзервира фрескоживописот во црквата Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане
Започнаа подготовките за конзервација на фрескоживописот во црквата Свети Ѓорѓи во општина Старо Нагоричане. Според надлежните, црквата претставува ремек-дело од 14. век, и во архитектонска и во сликарска смисла.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков при неодамнешната посета на храмот најави дека за 2025 е планирано да бидат обезбедени околу 5 и пол милиони денари, потенцирајќи дека станува збор за проект кој добива повеќегодишно финансирање, односно ќе се реализира етапно неколку години.
-Она што е особено значајно за ова вредно културно наследство е тоа што по 10 години негрижа и застој во работата, започнаа подготовките за реализација на проектот за конзервација на живописот на црквата, со што ќе се овозможи зачувување на овој византиски споменик на културата кој говори за милениумското цивилизациско наследство на наша почва. Од надлежната установа Национален конзерваторски центар побаравме корекција на претходно дефинираната динамика за реализација на планираните активности. Фокусот го ставаме на реализацијата на проектот, а како држава и како министерство за култура и туризам уште еднаш на дело ја потврдуваме нашата грижа и посветеност за зачувување на културното наследство и ќе направиме сè за црквата да блесне во целиот свој сјај, изјави Зоран Љутков, министер за култура и туризам
Според надлежните од Националниот конзерваторски центар, проектот е од национално значење, а ќе се конзервира фрескоживописот на големите мајстори на византиското сликарство, зографите Михаил и Евтихиј.
„Со реализацијата на проектот, црквата ќе го добие заслуженото место меѓу културните добра во нашата земја, а тоа во иднина ќе даде силен импулс за развојот на туризмот, како и активности за локален економски развој“, констатираше министерот Љутков.