ВИДЕО: Куманово расчистено од снегот, граѓаните задоволни од службите за зимско одржување

Околу 55 тони сол и 650 литри средство против замрзнување досега се потрошени за целосно расчистување на главните улици во централното градско подрачје и пешачките зони, информираа денеска надлежните од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“. Иако вчера и во текот на изминатата ноќ немаше снежни врнежи, сепак заради ниските температури, екипите на комуналното претпријатие интензивно продолжија со активностите на терен.

-ЈП „Чистота и зеленило“ од пред три дена откога почнаа снежните наноси интензивно работи на расчистување на истите, по сите булевари, улици, клучни точки, а тоа се девет локации кои ги имаме определени во централното градско подрачје од страна на општина Куманово, како што се булеварот „Октомвриска револуција“, булеварот „Народна револуција“, булеварот „Трета МУБ“, улица „11 Октомври“, „Доне Божинов“, „Гоце Делчев“, „Ѓорче Петров“, „Моша Пијаде“, „Иво Лола Рибар“. Истите интензивно се чистат три дена, освен вчера кога немаше снежни наноси, значи со целокупната механизација во трисменско работење. Исто така, паралелно со тоа тротоарите, пешачките зони во централното градско подрачје се прскаат со средство против замрзнување, ајсмелт, за да можат граѓаните да бидат заштитени при движењето и екипите интензивно го работеа тоа и во целокупниот период ЈП „Чистота и зеленило“ има фрлено околу 55 тони сол, има потрошено 650 литри средство за одмрзнување. Вчера немаше снежни наноси, меѓутоа со средството за одмрзнување работевме до доцните вечерни часови, како би можеле граѓаните да ги заштитиме од несакани дејства, последици, паѓање и сл. Ние немаме досега добиено пријава за нерасчистени површини затоа што навремено и промптно делувавме уште од првиот момент и исчистени се сите клучни точки и места за кои сме задолжени и на некој начин во делови во кои што и не бевме задолжени интервениравме за да можат граѓаните да имаат нормален проток, изјави Ненад Стојановски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.

Согласно законот за јавна чистота, во случај на снежни врнежи, граѓаните треба да ги расчистат тротоарите пред дуќаните и домовите.

Директорот Стојановски смета дека кумановци се одговорни граѓани и најголем дел од дуќанџиите навремено го расчистиле просторот пред објектите.

Деновиве проблеми немало ниту со изнесување на сметот во централното градско подрачје.

-Можам да заклучам дека најголем дел од дуќанџиите го расчиситија просторот пред објектите, оние кои што тоа не го работат, според информациите од инспекциските служби истите се посетени и една препорака до нив дека секој треба пред својот двор да си исчисти, на таков начин самите себе ќе се заштитат, а и на нас ќе ни ја олеснат работата.  Во меѓувреме, немаме проблеми што се однесува до изнесување на смет, можеби на одредени локации каде што беше подмрзнато, а не се работи за централно градско подрачје камионите не беа во можност да поминат, се додека не се интервенираше.  Според она што го имаме како информација, а е забележано на лице место, тоа траеше само половина ден или еден ден затоа што приградските населби и селските рурални средини кои се задолжение на приватен оператор за кој има пуштено тендер општина Куманово, можеби не можеа во даден момент веднаш да одговорат, истите во текот на тој ден, односно наредниот ден се исчистени и нашите камиони си ја завршија својата примарна дејност и во тие делови, изјави Ненад Стојановски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“

Чисти и проодни се и патиштата во приградските населби и селски средини за кои е задолжена приватната компанија „КООП Инженеринг“.

За зимско одржување на улиците и патиштата во населбите и руралните подрачја општината од буџетот одвои вкупно околу 130 илјади евра.