ВИДЕО: Реновирано подрачното училиште „11 Октомври“ во село Речица

Од денеска учениците во кумановското село Речица ќе следат настава во целосно реновирани простории. Внатрешниот дел на подрачното училиште „11 Октомври“ е обновен преку проект на хуманитарната организација „Срби за Србе“ од Белград, во соработка со здружението СПОНА. На свеченото пуштање во употреба на обновениот дел од училиштето присуствуваа претставници на хуманитарните организации од Србија и од Македонија, членови на Советот во општина Куманово, наставници, родители, како и македонскиот и поранешен југословенски фудбалер и тренер Вујадин Станојковиќ кој потекнува токму од Речица. Неговото присуство на денешната свеченост, како и на останатите гости беа поздравени со огромен аплауз.

Донаторите од Србија беа пречекани пред училиштето со неколку ора во изведба на културно- уметничкото друштво „Српски вез“ од Куманово по што беше пресечена и црвена лента.

Хуманитарната организација „Срби за Србе“ постои веќе две децении во Србија со основна цел да им се помогне на социјално ранливите многудетни српски семејства на целиот Балкан. Но, освен со директна материјална помош на ваквите семејства, организацијата континуирано помага и на народните кујни, болниците, основните и средните училишта, универзитетите, односно на сите оние кои што се грижат за здравјето и образванието на децата.

„Организацијата во Македонија успешно функционира последните четири години, а животот, благодарение токму на „Срби за Србе“ им стана поубав и повесел на 172 деца“, кажа Чедомир Марковиќ, претставник на ХО „Срби за Србе“ од Македонија.

Српскиот културно- информативен центар „СПОНА“ има плодна соработка со основното училиште „11 Октомври“, веќе 15 години.

Во знак на благодарност, но и надеж за идна соработка, менаџментот на училиштето им врачи благодарници на донаторите.

Претходно, присутните имаа можност да уживаат во пригодната приредба подготвена од учениците и наставниците со поетско- музички точки на македонски и на српски јазик.

Во подрачното училиште настава следат 18 ученици од прво до петто одделение. Се практикува и комбинирана настава.