Вкупно 108 лица во текот на 2015 –та година биле осудени за кривични дела извршени на територијата на Општина Куманово, додека пак Основен суд Куманово донел пресуди за 84 лица. Според податоците на Државниот завод за статистика, од осудените лица за кривични дела извршени во Куманово 43 се Македонци, 28 -припадници на албанската етничка заедница, 22- Роми додека другите заедници имаат по едно осудено лице. Осуден е и еден малолетник и тоа за сторено кривично дело против имот.
За разлика од Куманово, на подрачјето на општина Липково осудени се 12 лица за сторени кривични дела, од кои десетмина се Албанци, а двајца Бошњаци.
Основниот суд Куманово пак минатата година донел пресуди против 84 лица кои го прекршиле законот, а девет од нив се за припаднички на понежниот пол. Од вкупниот број 36 се казни, од кои 27 затворски, а осум парични, 48 лица добиле условна казна затвор, а имало и пресуда за едно протерување.
Минатата година имало и пријави за деца кои извршиле кривични дела. Па така на подрачјето на Куманово се регистрирани 43 случаи. Најголем дел се за кривични дела против имот, седум за нарушување на јавен ред и мир, четири кривични дела против безбедноста во јавниот сообраќај, а три кривични дела против живот и телото.
Компаративно, во Општина Липково имало пријавени само торјца малолетници од кои двајца за кривични дела против имот, а еден против безбедност во јавниот сообраќај.
Гледано на ниво на Република Македонија забележителен е тренд на опаѓање кога станува збор за бројот на пријавени полнолетни лица. Во 2015 година нивната бројка изнесува 26.069 лица, додека година претходно бројката била драстично поголема 37.164.
Тренд на опаѓање е забележителен и кај пријавени деца за сторени кривични дела, па така ако во 2014 година биле регистрирани 1.005 вакви случаи, минатата година биле регистрирани 772.