Фото клуб Куманово по повод Светскиот ден на жената ја организира 12-тата Национална изложба на уметничка фотографија „Жените и фотографијата“, традиционален настан кој ја слави креативноста, талентот и визијата на жените во светот на фотографијата. Изложбата, која секоја година се одржува во чест на 8-ми март , станува сѐ поважна платформа за афирмација и поддршка на женското фотографско творештво во Македонија.
„Оваа година, изложбата привлече учеснички од бројни фото клубови низ земјата, со повеќе од 250 пријавени фотографии. Стручниот селектор направи избор на 80 најдобри дела кои го претставуваат богатството на женската фотографска визија. Овие фотографии не само што сведочат за мајсторството на авторките, туку и ја потенцираат нивната способност да доловат емоции, светлина и моменти кои остануваат запаметени.
„Жените и фотографијата“ не е само изложба – тоа е симбол на борбата за рамноправност, за еднакви можности и за признание на жените во фотографската уметност“, велат од Фото клуб Куманово.
Свеченото отворање на изложбата ќе се одржи на 6-ти март ( четврток) во 19:00 часот во Изложбениот салон на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово
Изложбата ќе биде поставена во наредните 14 дена.