Над двесте заболени од грип во Куманово изминатата седмица
Двеста и три нови случаи на грип се евидентирани во текот на изминатата седмица во Куманово, а на ниво на државата бројката достигна до 2.569 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, соопшти Институтот за јавно здравје. Според податоците, бројот на пријавите е за 15,4% помалку во споредба со претходната недела .
„Најголем број од случаите (65,5 посто) се заразени со инфлуенца А, по што следуваат 34,5 проценти заразени со инфлуенца Б. Вирусот ги напаѓа сите возрасни групи од 15 до 64 години, но најбргу се шири кај децата до 4 години старост“, посочуваат од Институтот за јавно здравје.
Практикување на здрав начин на живот, доволно сон и одмор, здрава храна, одржување на физичка и психичка активност, проветрување на просториите, избегнување престој во простории со група на луѓе, избегнување близок контакт со заболените, но и сомнителните случаи, внесување на витамини и минерали во организамот, се дел од препораките на лекарите за заштита од сезонскиот грип.