Од денеска седумдневна жалост во Македонија
Седумдневна жалост на територијата на цела Македонија во спомен на загинатите во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која 59 млади животи згаснаа, а 155 лица се повредени ноќта во саботата спроти неделата, за време на концертот на дуото ДНК.
Меѓу починатите е и музичарот Филип Стевановски од Куманово, магистер по џез науки, кој беше член на бендот на дуото ДНК.
Македонското знаме од денес се вее на половина копје.
Владата ја донесе оваа одлука на вчерашната седница, а како што апелираат, сите треба да се придржуваат на неа бидејќи казните за непочитување се ригорозни.
Во деновите на жалост, сите планирани настани се одложуваат, додека пак радиодифузерите се ослободени од обврската за емитување одреден процент домашна музика.
„Не постои збор кој може да ја ублажи болката за ненадоместливата загуба. Целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање и пружи здравствена нега и помош за брзо закрепнување на повредените. Во овие исклучително тешки и тажни моменти за целиот македонски народ, замолуваме да не се политизира случајот, за институциите да можат навремено и соодветно да го расветлат случајот. Ниту една информација нема да биде скриена од очите на јавноста, се наведува во соопштението од Владата.
Сите планирани настани во установите од областа на културата во текот на оваа недела се откажуваат, информира Министерството за култура и туризам.