ВИДЕО: Министерот за здравство го разреши директорот на Општа болница Куманово

Министерот за здравство Арбен Таравари го разреши директорот на Општа болница Куманово, д-р Стефан Трајановски откако завчера 32-годишен кумановец починал ненадејно во болницата.

Таравари одлуката за разрешување на директорот Трајановски ја соопшти пред медиумите на градскиот плоштад во Куманово.

-Го прочитав извештајот што беше подготвен од државниот санитарен инспекторат и во него може да се констатира многу лесно дека веќе има предуслови за да се разреши директорот на Општата болница Куманово и пред да излезам од министерството веќе директорот е разрешен од таа позиција. Се надевам дека утре ќе назначиме нов директор во Општа болница Куманово. Целата документација ќе биде разгледана и предадена на Обвинителството. Се надевам дека судот ќе донесе правична одлука ако постои лекарска грешка. И тие што водиме институции, и тие што лекуваме пациенти треба да сме свесни дека ако има пропусти треба да се одговара. Затоа од утре јас ќе ве известам и ќе излеземе со името на новиот директор, рече Арбен Таравари, министер за здравство.

На новинарско прашање дали директорот е информиран за разрешувањето, Таравари рече:  „Не знам дали е информиран, јас ви кажувам дека од министерството ние го разрешивме“.

На новинарско прашање дали за смената знае коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ, Таравари кажа дека знае.

-Секако. Нон-стоп сме во координација со коалицискиот партнер, каде што има грешки постојано бараме едни на други да има одредени промени и ги правиме –  кажа Таравари.

Конкретно за какви неправилности при лекувањето на пациентот станувало збор, министерот не прецизираше.

-Треба да бидеме свесни дека, ако има пропусти, мора да има и одговорност. Не сакам да навлегувам во деталите на извештајот, ќе следиме како ќе тече истрагата. Не е коректно да коментираме работи што треба да ги утврдат комисијата и обвинителството. Но, постојат индиции дека оние кои го воделе случајот требало да внимаваат како постапуваат со пациентот. Комисијата ќе утврди каде е грешката. Јас не можам да бидам и обвинител и полицаец. По контролата на ДСЗИ ќе биде јасно што следува понатаму. Новиот директор ќе биде од самата болница – кажа Таравари.

Директорот на болницата Трајановски во телефонски разговор кажа дека не бил информиран од никого за неговото разрешување.