Протокол за безбедност и етичко известување од погребот на жртвите од пожарот во Кочани

Владата, во координација со Министерството за внатрешни работи и во консултација со ЗНМ и со ССНМ изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите од трагичниот настан што се случи на 16 март во Кочани.

-Новинарите треба да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите. Известувањето за трагични настани мора да биде ослободено од сензации, шпекулации или емотивно набиени наративи, фотографии и видеа. Треба да се пренесуваат потврдени факти за да се спречат дезинформации. Медиумите треба да се осигураат дека нивното известување не придонесува за јавна вознемиреност, се наведува во повикот.

За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови).

Од Владата соопштија дека овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.

Потсетуваат и дека Меѓународната федерација на новинари (IFJ) во своето соопштение од 18 март за оваа трагедија, исто така ја истакна важноста на етичкото известување. Глобалната повелба за етика на IFJ ја подвлекува должноста на новинарите да го почитуваат достоинството на луѓето и да ја стават точноста над брзината при пренесувањето на вестите од овој трагичен настан.

– Со цел да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе ПРЕСС обележја и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи, соопшти Владата.