Филип Стевановски од Куманово, музичар и директор на Центарот за култура Штип кој го загуби животот во пожарот во кочанската дискотека ќе биде погребан на градските гробишта во Штип.
Денеска Куманово и Македонија се простува од Филип Стевановски и од сите останати 58 млади души од повеќе градови кои што допрва требаше да се радуваат на животот.
– Почитувани роднини, пријатели, колеги и сите Вие кои го познавате Филип Стевановски. Со голема тага, болка и жал Ве известуваме дека посмртните останки на нашиот сопруг, најмил татичко, син, брат, зет, другар, мила звезда наша ќе бидат изложени на 20.03.2025 година (четврток) од 09 до 11часот во црквата Света Богородица во Ново Село, а погребот ќе се изврши во 11 И 30 часот на градските гробишта во Штип, известија од неговото семејство.
– Нашиот еден и единствен, нашата инспирациија, љубов и непроценливо богатство, однесе со себе и дел од нас. Вечна љубов до тебе Филе. Ни остави длабока празнина во нашите срца и души, голема болка што те загубивме, неизмерна тага и непребол. Но таму каде што замина во небесното царство: организирај, свири, компонирај, смеј се на ангелите… Секогаш ќе бидеш инспирација за нас и за сите оние кои го следат твоето дело. Господи прими го чедото Филип во Твоето царство небесно, прими го нашиот Филе, стои во објавата на семејството.
Стевановски беше член на бендот на дуото ДНК, продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип. Своето основно образование го завршил во Куманово, школувањето го продолжил во „Илија Николовски – Луј“ Скопје, а подоцна своето образование го усовршил во Америка.
Завршил два факултети вокално инструментален оддел класична музика и џез оддел.