ЦК: Собрани над 43 милиони денари за семејствата на жртвите и повредените во пожарот

Црвениот крст на РМ во текот на вчерашниот ден беше дел од организацијата на погребите на трагично загинатите лица од пожарот во Кочани. Беа ангажирани вкупно 165 волонтери кои дејствуваа како тимови за прва помош и психолошка поддршка, поставени пунктови и логистичка поддршка на сите места каде се извршени погребите, обезбедена погребална опрема и транспорт за починатите, посочуваат од Црвен крст.

Црвениот крст е во контакт со партнерските национални друштва од земјите каде се хоспитализирани повредените од пожарот каде им се обезбедува поддршка за семејствата на повредените.

-Упатуваме голема благодарност до сите кои донираа и ве информираме дека сме во фаза на подготовка за првична исплата на собраните средства за најитните потреби наменети за настраданите од пожарот во Кочани. Досега се собрани 43.149.360,00 денари. Ве повикуваме и понатаму сите заедно да ја покажеме хуманоста и солидарноста за настраданите од пожарот во Кочани, велат од Црвен крст.