МЗ: Пет пациенти во критична состојба, останатите стабилни
Петмина пациенти од пожарот во Кочани кои што се на лекување во клиниките во странство се во критична состојба, а 110 од повредените се стабилни, објавија надлежните. Според последните информации од министерството за здравство, сите 55 лица, пак, кои се третираат во македонските болници се, исто така, во добра состојба.
„Подготвен е протокол според кој се очекува в среда или четврток да бидат пречекани првите пет пациенти кои што се лекуваат надвор од државата“, најави министерот за здравство Арбен Таравари.
– Протоколите ќе бидат објавени на нашата веб страна, исто така ќе бидат испратени и до Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, како и до сите други држави. Ќе имаме специјални екипи кои што ќе работат со овој протокол кои што ќе се придржуваат до информациите за состојбата на пациентите кои што треба да ги добиеме. Ќе има специјална екипа која што ќе ги прифаќа и специјални возила кои што ќе ги пречекаат и сместуваат во болниците. Првата тријажа ќе се направи во болницата од каде што е пуштен пациентот, па ќе бидат хоспитализирани во болници каде што треба. Доколку нема потреба ќе се пуштаат на домашно лекување, изјави вчера Таравари. Во оваа фаза постои ризик од развивање на инфекции и за тоа состојбата на пациентите може да флуктуира. – Одредени пациенти веќе добиваат антибиотици за да се превенираат тие инфекции, така што се надевам и тие што ќе пристигнат, веќе зборувавме за стерилизирање на автомобилите со кои што ќе дојдат, како и собите каде што ќе се третираат,се надеваме на што помалку компликации и подобро здравје на сите тие што ќе се вратат во државата, рече Таравари.
Од денеска ќе се исплаќа и финансиската поддршка од собраните донации на семејствата на загинатите и повредените во пожарот во Кочани преку Црвениот крст, во износ од по 150 000 денари. Заклучно со 22 март собрани се 51.822.579 денари преку Црвениот крст од каде денеска ќе ги соопштат преземаните активности и начинот на исплатата.
И Советот на Општина Куманово веднаш по пожарот, на вонредна седница изгласа одлука за финансиска поддршка на семејствата на настраданите и на поврените во ужаснит пожар во кочанската дикотека „Пулс“.
Според одлуката, помошта од општинскиот буџет е во износ од два милиони денари.