ВИДЕО: Михајловиќ: Родителите повеќе да разговараат со децата
Трагедијата во Кочани која однесе 59 млади животи ќе остави лузни кои тешко ќе заздрават, но затоа пак, стручните служби во училиштата, наставниците, родителите се тие кои што во овие моменти треба да им посветат поголемо внимание на учениците, на децата кои што имаат потреба да ги искажат своите чувства, без разлика дали преку разговор или пак своите емоции ќе ги запишат на лист хартија, вели Кетрин Михајловиќ, педагог во средното техничко училиште „Наце Буѓони“.
Михајловиќ апелира родителите повеќе време да поминуваат со своите деца бидејќи на тој начин тие ќе се чувствуваат заштитени, сигурни и сакани.
-Имаше вознемиреност, имаше длабоко трогнати, имаме учемници кои што на било каков начин се поврзани со младите од Кочани и сите си поаѓаат од себе си што можело да им се случи на нив затоа што дискотеките низ целата држава не се баш безбедни, а тоа е наша грешка. Им приоѓаме така што, се трудиме ние како професионална стручна слжба да ги сослушаме, да дадеме насока или некој начин како самите да се отвораат, да ги исфрлаат своите емоции, со тоа што или ќе разговара со другарка, или ќе ни се јави на нас, или ќе разговара со родител, или ако не може тоа да го изнесе вака со зборови нека го напише на некој лист хартија, па нека го запали или нека го искине потоа со тоа што да ги гледаме првенствено како деца не само како ученици кои што овде треба да учат, да ги согледаме едноставно, да ги прашаме. Досега родителите ни се немаат јавено, но еве еден апел до нив, нека ги слушнат своите деца. Нека бидат почесто со нив, повеќе време да поминуваат во нивно присуство, не мора тоа да биде врзан разговор за нешто конкретно, и самото нивно присуство е доволно тие да се чувствуваат заштитено, сигурно и сакано. На секое дете првенствено треба да му приоѓаме со љубов, изјави Кетрин Михајловиќ, педагог во ОСТУ „Наце Буѓони“
По трагедијата во кочанската дискотека, Министерството за образование и наука достави до сите училишта насоки како да постапуваат стручните служби, а освен психо-социјална помош, деновиве во училиштата ќе се спроведат и вежби за евакуација. Станува збор за вежби – симулација на пожар во училиште и справувањето со ситуацијата на терен, кои кумановските средни училишта ги реализираат секоја година во рамките на своите програми за работа.