Дел од семафорите на булеварот „Трета МУБ“ не работат повеќе од една седмица.
Пешаците и возачите реагираат на состојбата – бараат побрзо решавање на проблемот од страна на општината, а во меѓувреме апелираат до СВР Куманово, полицисиски службеници да го регулираат сообраќајот бидејќи станува збор за две од најфреквентните крстосници во градот каде што вертикалната сигнализација е повеќе од неопходна во секој момент.
Од Секторот за комунални дејности при општина Куманово информираат дека се работи на случајот, потенцирајќи дека не станува збор за одржување на семафорите, туку за оштетување заради што деновиве биле поставени три нови од вкупно шест столба на кои што ќе бидат приклучени семафорите, најверојатно до крајот на неделава.
„За состојбата известени се и компанијата задолжена за одржување на семафорите и СВР Куманово. Во случај кога семафорите не работат, а полицијата не го регулира сообраќајот, на крстосницата возачот е должен да го пропушти возилото кое доаѓа од неговата десна страна“, порачуваат од Секторот за комунални дејности.
За одржување на семафорите е задолжена компанијата „Електро Софт Инженеринг“ од Скопје, а постигнатиот договор е со вредност од 991,2 илјади денари.
