Повеќе од 130 ученици посетуваат настава во основното училиште „Карпош“ во село Умин Дол, со подрачното во Љубодраг, а за следната учебна година согласно списокот доставен од МВР треба да се запишат дваесетина првоодделенци, информира директорот на училиштето Мирослав Димевски. Со реализација на планираните проекти во насока на подобрување на условите надлежните очекуваат зголемување на бројот на учениците.
-Ние сме задоволни од бројот на учениците, вкупниот број оваа учебна година изнесува 135 ученици. На списокот за првачиња за следната учебна година има 19 ученици кои би требало да се запишат. Бројот на ученици не се намалува, има некое минимално намалување, но тоа не е драстично и се надеваме дека во иднина ќе има повеќе млади луѓе, ќе има поеќе ученици и дополнително со реализирање на идеите, проектите оптимист сум дека и учениците од градските средини ќе сакаат да се запишат овде бидејќи условите кога се убави, добри, особено климата каде што се наоѓа училиштето, далеку од сообраќајниот метеж, од загаденоста на воздухот, во природа, на само 11 километри од градот. Се надеваме дека сето ова ќе придонесе за уште поголем број на ученици во ООУ „Карпош“ – изјави Мирослав Димевски, директор на ООУ „Карпош“ во с. Умин Дол