Во соборниот храм „Свети Никола“ денеска се одржа панихида во чест на осумтемина загинати припадници на безбедносните сили во настаните од „Диво насеље“ во организација на неколкумина иницијатори за одбележување на годишнината.
„Куманово памети што се случуваше, крвта нивна е наша заклетва“, порача Предраг Петрушевски Бинго, еден од иницијаторите за организирање панихида во соборниот храм.
-Заеднички со нивните соборци ја организираме. Куманово памети што се случуваше, крв падна за Македонија, нема никогаш да ја заборавиме нивната жртва-крвта нивна е наша заклетва, изјави Предраг Петрушевски-Бинго.
Осумтемина припадници на полициските сили загинати во акцијата во Тоде Мендол посмртно се одликувани со медали за храброст. Други 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.
На 9 мај 2015 година, во кумановско „Диво насеље“ започна вооружен судир меѓу специјалните полициски единици и добро организирана и вооружена група.
Според официјалните извештаи, загинале и десетици членови на вооружената група, а дел од нив беа приведени и осудени на високи затворски казни.