Осум децении постоење на ООУ „Кочо Рацин“  

Повеќе од триста ученици од подрачните и основното училиште „Кочо Рацин“ од прво до деветто одделение беа дел од музичко-сценскиот настап „Рацинови“ по повод патрониот празник и 80 години постоење на училиштето што се одржа во Центарот за култура.

За сценариото за одбележувањето на големиот јубилеј на училиштето се погрижи наставничката по англиски јазик Анита Димовска, видео монтажа и хор мајстор Магдалена Божиновска- Стојанова, асистент кореографи- Росица Трајковска и Катерина Стојковска.

Приредбата беше во режија на актерот Никица Јанковски, а за кореографијата беше задолжена Бојана Кимевска, двајцата како надворешни соработници.

На сцената на Центарот за култура се пееше и играше на македонски евергрин мелодии, а на хумористичен начин беше претставено и секојдневието на учениците во училишните клупи и нивниот пристап кон училишните обврски, но и односот кон наставниците.

Основното училиште „Кочо Рацин“ e основано како прво училиште на македонски јазик во слободно Куманово, во јануари 1945 година, како Народно основно школо „Св. Климент Охридски“.

Оттогаш до денеска континуирано се развива, вложува во модернизација на на училишниот објект, кабинетите, наставниот процес, во дополнителни обуки и тренинзи на наставниот кадар, а најдобар показател за тоа се големиот број освоени награди на државни и меѓународни натпревари.

По повод осум децении постоење и успешна работа на училиштето „Кочо Рацин“ пред присутните се обрати директорката на „Кочо Рацин“, Галаба Давчевска.