Бобан Јовановиќ од Челопек доби земјиште од општина Старо Нагоричане

Среќата конечно му се насмевна на Бобан Јовановиќ од село Челопек, кој заедно со својата сестра живее во трошна соба во објект на поранешен Задружен дом, кој е во фаза на распаѓање. На иницијатива и барање на група граѓани кои што сакаат да им помогнат на Бобан и Слаѓана, која што заради здравствената состојба не може да се вработи, општина Старо Нагоричане му на Бобан му додели земјиште со површина од 250 метри квадратни. Сега Бобан, благодарение на локалната самоуправа и добронамерните луѓе е сопственик на имот, кој сосема е доволен за изградба на скромен дом на семејството Јовановиќ, кое последните 25 години живее во просторијата во задружниот дом во субстандардни услови, без струја, без вода, без апарати за домаќинство.

Сега на потег се општествено- одговорни компании и хуманите граѓани, сите во рамките на своите можности да помогнат Бобан да изгради барем две соби и бања.

Бобан е вработен како општ работник во ЈП „Чистота и зеленило“, а неговата скромна плата е единствениот приход во семејството. 

За Јовановиќ секаква помош е добредојдена, особено градежен материјал, а сите оние кои што сакаат парично да помогнат, можат да уплатат средства на денарската сметка на Бобан Јовановиќ отворена во Комерцијална банка.