До утревечер на полноќ ќе трае првото електронско пријавување во јунскиот рок за запишување ученици во прва година во јавните средни училишта во државава за учебната 2025/2026 година.
Пријавувањето на учениците е со електронско аплицирање, преку линк до системот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk/ со посебна најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.
Откако ќе заврши електронското пријавување, ученците на 18 јуни (од 8 до 19 часот) и на 19 јуни (од 8 до 17 часот) треба да ја достават потребната документација до училиштата.
Конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места, секое училиште ќе ја објави на 20 јуни 2025, најдоцна до 12 часот, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет-страница.
Второто електронско пријавување на учениците за упис во средните училишта во јунскиот рок ќе биде на 30 јуни 2025, од полноќ часот до 23:59 часот, а потребната документација до училиштата ќе се доставува на 1 јули 2025, од 10 до 19 часот. Следниот ден (2 јули) ќе биде објавена и конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места. Во второто пријавување во јуни квалификациско тестирање ќе се организира на 4 јули 2025.