Апел за одговорно однесување на отворен простор и од општина Куманово
Граѓаните да бидат внимателни и совесни во текот на летните месеци, бидејќи секојдневно се соочуваме со опасни ситуации, кои ја загрозуваат безбедноста на жителите на отворено, безбедноста на објектите и друго, предизвикана од пожари, апелира општина Куманово.
Во изминатиов период, во кумановскиот крај се случија повеќе пожари од големи размери, за кои беше потребна интервенција на највисоко ниво и беа вложени натчовечки напори за нивно локализирање.
Општина Куманово апелира до сите граѓани да бидат совесни, да не ја загрозуваат својата безбедност и да не предизвикуваат опасности во својата околина. Доколку забележат пожари во непосредна близина или било какви сомнителни реакции и движења на лица, кои би можеле да предизвикаат немили настани, да пријават на дежурните телефони 193 и 112.
Се уште важи забраната за палење на отпад, ниска вегетација (сува трева), стрништа и слично, се вели во објавата на општина Куманово.