„Тумба фест“, „Кенга епике“, Меѓународниот тамбурашки фестивал, „Рома труба фест“ и „Тумбсток“ се дел од програмата на „Кумановско културно лето 2025“, настани кои ќе се одржат почнувајќи од 21 месецов заклучно со 24 август годинава на градскиот плоштад.
По тој повод денеска беше организирана прес-конференција во Занаетчискиот дом, на која организиторите ги повикаа граѓаните да бидат дел од културните манифестации, поддржани од општина Куманово, а дел од нив и од министерството за култура и туризам.
-Кумановско културно лето се одржува трета година по ред, а оваа година сите манифестации ќе бидат на градскиот плоштад. Програмата нуди културни содржини за сите генерации и возрасти и верувам дека публиката ќе ужива. Имаме со што да се пофалиме, ќе покажеме како се негува традицијата и вистинските вредности на сите заедници во Куманово. Ги повикуваме граѓаните да дојдат масовно и да ги проследат предвидените содржини – изјави Александар Крстевски, раководител на сектор за култура во општина Куманово.
