Се подобрува патната инфраструктура во Куманово
„ Во тек се активности за гребење на постоечкиот асфалт на ул. „Карл Маркс“ – позната меѓу граѓаните како Орта Бунар. Ова претставува прва фаза од реконструкцијата на овој патен правец, кој по завршување ќе добие нов асфалт и значително подобрени услови за движење“, објави градоначалникот Максим Димитриевски.
Во тек е и асфалтирање на паркинг простор кај „Шипад“ во населба Гоце Делчев.
„Со оваа инвестиција ќе се овозможи уреден и безбеден простор за паркирање на граѓаните, и се подобрува пристапноста за жителите“, напиша Димитриевски.
Инаку, во тек е седница на Советот на општината на која советниците расправаат за Извештајот за извршување на Програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура на град Куманово и на Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во Општина Куманово за периодот од 1 јануари 2025 година до 30 јуни 2025 година.
„ Асфалтирани се повеќе улици во населба Ајдушка чешма, во Иго Тричковиќ, уредени улици со бекатон плочки во населба Карпош, реконструирани се улици во Бедиње, Табановце, Речица, Лопате, Перо Чичо – Гладно поле, Вера Которка, Јане Сандански, улица „Франц Розман“, Проевце, поставен тампон на улици во селото Брзак, Сушево, на градските гробишта, реконструкција на училиштето во село Пчиња и многу други проекти“, истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Советот на Општина Куманово.