ВИДЕО: Започна новата учебна година
Учениците утрово се вратија во училишните клупи. За сите деца обезбедени се учебници, а годинава учебници ќе има и по странските јазици. Освен образовни асистенти во основните училишта, од оваа учебна година образовна асистенција ќе добијат и средношколците со посебни образовни потреби.
Најрадосни за првиот училишен час секогаш се првачињата. Во кумановските основни училишта новата учебна година ја започнуваат 904 првоодделенци, информираа надлежните, потенцирајќи дека бројката на вкупниот број на ученици континуирано се намалува. Од денеска стартува и едносменска настава во основното училиште „Вук Караџиќ“.
Во основното училиште „Карпош“ во село Умин Дол годинава запишани се 12 првачиња кои што утрово свечено беа пречекани од директорот и наставниците во училиштето, а ги поздрави градоначалникот Максим Димитриевски, посакувајќи им успешна учебна година, остварување на поставените цели и предизвици.
На денешниот прв септемвриски ден, претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска посети неколку општински основни и средни училишта: ООУ „Кочо Рацин”, ООУ „Крсте Мисирков”, СОУ „Сами Фрашери”, СОУ „Перо Наков”, како и ЈОУ Детска градинка „Ангел Шајче”, посакувајќи им успех во претстојната учебна година, пишува во објавата на официјалната веб страна на општина Куманово.
Во средните училишта на територијата на Општина Куманово, во учебната 2025/26 година, запишани се вкупно 1.130 ученици во прва година.