ВИДЕО: Регионалната занаетчиска комора со барања до идните градоначалници

Барања на Регионална занаетчиска комора – Куманово која го покрива Североисточниот регион: Општина Куманово, Општина Липково, Општина Старо Нагоричане, Општина Крива Паланка, Општина Ранковце и Општина Кратово) kон сите кандидати за градоначалници на општините од Североисточниот регион

Почитувани кандидати,

Регионалната занаетчиска комора – Куманово, како институција што ги застапува интересите на занаетчиите и малите бизниси во целиот Североисточен регион, Ви се обраќа со следниве барања и предлози кои сметаме дека се од суштинско значење за развојот на локалната економија, зачувување на традицијата и поддршка на занаетчиите:

1. Намалување на фирмарината

Фирмарината претставува значителен финансиски товар за малите занаетчии. Бараме истата да се намали со цел да се олесни работењето и да се поттикне регистрирањето на нови занаетчиски бизниси.

2. Преместување на Дирекцијата на УЈП од Штип во Куманово

Со оглед на тоа што Куманово е поголем град со значително повеќе економски чинители од Штип, бараме Дирекцијата на Управата за јавни приходи да се премести од Штип во Куманово. Ова е потребно затоа што:

• Куманово е трет по големина град во државата и економски центар во регионот,

• голем број занаетчии, претприемачи и компании секојдневно имаат административни потреби,

• моменталната состојба е апсурдна – за еден документ занаетчиите од Куманово мораат да патуваат во Штип, што претставува дополнителен трошок и загуба на време.

Со преместување на Дирекцијата во Куманово ќе се добие поефикасна администрација, поголема достапност за граѓаните и рамноправна распределба на институциите според големината и економската моќ на градовите.

3. Почитување на Законот за занаетчиство и зголемување на бројот на паушално оданочени занаетчии

Иако Куманово е еден од најголемите градови, според официјалните статистики има само 7 паушално оданочени занаетчии, што е речиси 1% од вкупниот број на национално ниво. Бараме почитување на законските одредби и овозможување на повеќе паушално оданочени занаетчии, со цел поголема формализација на дејноста.

4. Простории за Комората

И покрај тоа што локалната самоуправа во минатиот мандат обезбеди простории, тие се недоволни. Во една од нив веќе е отворена градска сувенирница, што е за поздравување, но Комората има потреба од дополнителни канцеларии:

• за состаноци,

• за предквалификација и квалификација според потребите на пазарот,

• за реализација на мајсторски испити,

• за спроведување на обуки и проекти.

Бараме овие простории да бидат обезбедени во Занаетчискиот дом, кој по правило треба да биде во сопственост на Комората, како што е случај во Скопје и други градови.

5. Поддршка за младите при отворање на сопствен бизнис

Иако постојат владини мерки за поддршка на младите, секоја локална самоуправа може дополнително да одвои сопствен буџет за оваа цел. Бараме Општина Куманово и останатите општини од регионот да формираат посебни програми за финансиска и логистичка помош на младите кои сакаат да отворат занаетчиска дејност или сопствена фирма, за да им се овозможи старт и одржлив развој.

6. Намалување на сивата економија

Потребни се заеднички активности со локалната власт за намалување на сивата економија која директно ги оштетува регистрираните занаетчии.

7. Поддршка за старите занаети и промоција на Куманово преку сувенири

Бараме средствата предвидени за поддршка на старите занаети да се зголемат двојно, а воедно да се обезбеди поддршка и за развој на сувенири кои ќе го претставуваат Куманово и целиот Североисточен регион.

Заклучок

Веруваме дека секој кандидат за градоначалник од регионот може и треба да ги прифати овие барања, бидејќи тие претставуваат реални и издржани чекори за развој на Североисточниот регион, подобрување на условите за работа на занаетчиите и заживување на локалната економија.