Уште едно успешно издание на музичкиот фестивал „Бисерчиња“. За четвртиот телевизиски детски фестивал постојано се бараше билет повеќе, а тоа го потврди и исполнетоста на капацитетот во големата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, изминатиов викенд.
Асоцијацијата за култура и уметност „Мулти Арт“ и ТВ Плус, организатори на фестивалот и годинава беа на висина на задачата.
20 нови песнички, 20 нови видео спотови снимени од ТВ Плус, премиерно беа прикажани на „Бисерчиња“, фестивал кој заслужува внимание на ниво на државата, годинава ја доби поддршката и од Министерството за култура и туризам.
Сите претходни изданија на фестивалот за деца, секако и последново, беа поддржани од Општина Куманово, преку Секторот за култура, а квалитетот, од самиот почеток е препознаен и од општествено одговорни компании од Куманово.
„Секоја година се поголем е интересот за учество на фестивалот, на кој децата имаат можност да го прикажат својот талент преку нови песнички и сценски настап, а сето тоа проследено со силен аплауз од публиката“, истакна Драгана Станишковски од Асоцијацијата за култура и уметност „Мулти Арт“.
– Прекрасна енергија, огромни аплаузи од посетителите во преполната сала на Центарот за култура, прекрасно… Четврти по ред, се надевам дека петтиот ќе биде уште подобар, како што кажа раководителот на Секторот за култура Александар Крстевски, ќе го правиме во Спортската сала, мислам дека просторот веќе е претесен. Прекрасни нумери, пропратени со прекрасни кореографии. Кој не бил треба да зажали, само тоа ќе кажам, изјави Драгана Станишковски од „Мулти Арт“.
Во проектот на „Мулти Арт“ и ТВ Плус досега учествуваа над седумдесет изведувачи на песнички, напишани од познати музички имиња, а снимени се 64 видео спотови.