Во салата на Младинскиот културен центар „Козјак“ вчеравечер се одржа Конвенцијата на независниот кандидат за градоначалник Горан Стојковски – Диро и движењето „Ред за Куманово “.
На промоцијата, на која беа претставени програмата и кандидатите за советници, Горан Стојковски -Диро ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање, бидејќи според него, изборната апстиненција им користи само на функционерските гарнитури кои што не носат никакви промени за обичниот човек.
„Пред четири години петнаесет илјади кумановци застанаа зад борбата против клиентелизмот и тендер-шемите, но граѓаните не треба да заборават кој го воведе клиентелизмот и урбанистичкиот хаос во градот. Куманово не смее повторно да се остави на избор меѓу трет мандат на Димитриевски или четврти мандат на Зоран Дамјановски – Циц. По три децении лаги, корупција, клиентелизам и не работење, Куманово бара промена!“, кажа Стојковски.
Куманово – град со ред, визија и иднина, борба против корупција и клиентелизам, ефикасна и транспарентна општинска администрација, партнерство со граѓаните преку дигитални алатки, е визијата и мисијата на „Ред за Куманово“.
Стојковски потенцираше дека „Ред за Куманово“ е движење на чесни, одлучни и совесни граѓани. На луѓе што не прифаќаат да живеат во град кој тоне во ѓубре и неправда. На луѓе што сакаат европско, чисто и достоинствено Куманово.
Носител на листата на кандидати за советници на „Ред за Куманово“ е д-р Иван Петковски.
„Прифатив да бидам дел од „Ред за Куманово“ затоа што можам да помогнам во тој процес со целиот мој капацитет, знаење, енергија и љубов кон оваа заедница. Ќе работам за вас и со вас. Заедно можеме да го поправиме часовникот што стои, да го вратиме редот и да изградиме град на кој ќе бидеме горди,“ истакна Иван Петковски, носител на листа на кандидати за советници од движење „Ред за Куманово“.
„Сакам да верувам дека навистина има искрени луѓе. Особено ме инспирира Диро – човек кој ретко се среќава, човек кој го живее тоа што го зборува: ред, дисциплина, одговорност и труд. Ме инспирираа луѓе кои имаат вистински потенцијал и му мислат добро на Куманово, и затоа сум дел од оваа приказна,“ кажа Анита Цветковска, кандидат за советник од движење „Ред за Куманово“.
