Со огнено оружје денеска е ранет жител на липковското село Слупчане. Повредениот е надвор од животна опасност. Инцидентот се случил пред главната зграда на општина Куманово. Неофицијално, повредениот е кандидат за советник во општина Липково.
Од СВР Куманово за немилиот настан соопштија:
-Денеска (07.10.2025) во 13.54 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од ул.„Димитрије Туцовиќ“ со ул.„11 Октомври“ во Куманово, две лица во движење од огнено оружје пукале во патничко возило „фолксваген голф “, управувано од З.Ш., 43-годишен жител на с. Слупчане, општина Липково, кој се здобил со повреди и бил пренесен во болницата во Куманово за укажување помош. Полициски службеници излегоа на местото и се работи на расчистување на случајот, информираа надлежните.
Директорот на Општа болница Куманово, Сашо Стошевски информираше дека пациентот со прострелни рани, во солидна здравствена состојба е префрлен во Скопје.
-Кај нас е донесено лицето со иницијали З.Ш. со четири прострелни рани во пределот на левата подлактица и десно колено. Направени се сите иследувања кај нас, согласно сите протоколи за лекување. Лицето е надвор од животна опасност и е пренесено веднаш на Клиника за трауматологија во Скопје, изјави Стошевски.
Јавното обвинителство во однос на настанот во Куманово соопшти:
-Двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат, соопшти ЈО.
