Карате клубот „Ронин Доџо“ од Куманово со златен и четири бронзени медали на Светското шотокан првенство во Софија

Карате клубот „Ронин Доџо“ од Куманово постигна значаен успех на 15. Светско шотокан првенство што се одржа од 31 октомври до 2 ноември во Софија, Бугарија.

Клубот учествуваше со седум натпреварувачи кои беа дел од македонската шотокан репрезентација.

Каратистите се вратија со пет медали – едно злато и четири бронзи.

Златниот медал го освои сениорскиот женски ката тим во состав Николина Милорадовска Смилевска, Јована Стојковска и Ања Ангеловска.

Во јуниорска конкуренција бронзен медал освоија Бојана Денковска и Кирил Младеновски, додека во категоријата 12–13 години, помладите кадети Дамјан Стојановски и Милица Кипријановска се закитија со бронзени медали.

Сите натпреварувачи од клубот настапија во дисциплината кати, а тренерот Оливер Милорадовски учествуваше и како судија на првенството.

На натпреварот учествуваа натпреварувачи од над петнаесет држави со повеќе од илјада учесници.