Кик бокс клубот „Предатор“ од Куманово освои пет медали на престижниот Интернационален кикбокс куп „Кутина Опен“ во Хрватска, кој оваа година се одржа по 26-ти пат и собра над 900 борци од 92 клуба од целиот свет.
Златен медал освои Наум Милановски во јуниорска категорија до 79 килограми, кој ги победи сите три противници уште во првата рунда и ја оправда својата репутација и прекарот „Golden Eagle“.
Од клубот велат дека се презадоволни од неговиот настап, нагласувајќи дека Милановски цела година носи злато за клубот и градот Куманово.
Сребрен медал освои Никола Николовски во категорија до 84 килограми.
Бронзени медали освоија Димитар Давитковски, Данило Методиевски и Максим Божиновски.
Без медал, но со стекнато искуство, се врати Марио Радевски, кој победи една борба во кадетска почетничка категорија до 63 килограми, но не успеа да се пласира во полуфинале.
Тренерот на клубот, Јован Крстевски, истакна дека ова им е второ учество на Купот „Кутина Опен“, а со освоените пет медали клубот е рангиран на 44-то место.
Според раководството на клубот, по успешниот настап, турнирот ќе биде вклучен како редовен дел од натпреварувачкиот календар на клубот.