По повод одбележувањето на Светскиот ден на безбедност на планина, на вчеравечер во просториите на Црвен крст – Општинска организација Куманово се одржа обука за безбедност на планина и прва помош, во соработка со планинарскиот спортски клуб „Поларис“.
„Во првиот дел од активноста, претставник од ПСК „Поларис“ накратко ги запозна присутните со основните правила за безбедно движење во планински услови, значењето на соодветната планинарска опрема и важноста на добра подготовка пред секоја планинарска тура, особено во услови на променливо време. Во продолжение, посебен акцент беше ставен на обуката по прва помош, која ја реализираа обучени волонтери на Црвен крст Куманово. Преку практични демонстрации, учесниците беа детално запознаени со правилно укажување прва помош при најчестите повреди и итни состојби кои може да се случат при планинарење и престој во природа“, се вели во објавата на Црвен крст Куманово.