За едно одгледувалиште во кумановското село Лопате, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде решение за контролни и заштитни мерки во однос на болеста сипаници кај овци и кози, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.
Според соопштението, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека ќе бидат преземени мерки за уништување на заразениот добиток, како и отстранување на сè што е потенцијално заразено и спроведување на дезинфекција на просторот.
„Врз основа на епидемиолошката состојба, се прогласува заштитна зона во радиус од три километри околу жариштето, која ги опфаќа селата Лопате и Опае, како и населбата Бедиње. Зона под надзор во радиус од 10 километри околу жариштето ќе бидат и селата во општина Липково: Извор, Руница, Алашевце, Глажња, Слупчане, Оризаре, Отља, Матејче, Виштица, Ропаљце, Ваксинце и Лојане, како и кумановските села: Табановце, Ново Село, Љубодраг, Речица, Горно Којнаре, Тромеѓа, Доброшане и Брзак“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во заштитната зона се забранува движење и продажба на добиток. Мерките ќе се спроведуваат во период од 21 ден.