Во Куманово во април годинава ќе биде организирана Втората меѓународна научна агро-бизнис конференција „АГРОМАК 2026“ со тема „Локални ресурси и глобални предизвици: интегрирани пристапи кон одржлив рурален развој во ерата на климатските промени“. „За Конференцијата досега се пријавени над 150 научници и професори од различни институти од земјите во Југоисточна Еврпа, а ќе се одржи во соработка со Фондацијата за култура и спорт“, информираше на прес-конференција Драган Цветковиќ, претседател на организациониот одбор на „Агромак“ и на Комората на органски производители на Македонија.
„Интересот на младите за развојот на селото, современите аграрни трендови и науката не може да се мери исклучиво преку бројот на запишани ученици и студенти во средните и високошколските образовни институции. Тој многу повеќе се огледа во внатрешната љубопитност за истражување и создавање, во просторот што им овозможува на младите да се запознаат со тематиката, да експериментираат, да иновираат и да поставуваат прашања, како и во можностите за директна соработка со нивните наставници, професори и научници. Подеднакво важна е и подготвеноста на државата и институциите да ја препознаат и системски да ја поддржат таквата енергија и иницијатива“, истакна Цветковиќ.
Првата меѓународна научна агробизнис конференција беше организирана минатата година во Свети Николе на која беа презентирани 40 научни трудови, изработени од 110 автори и коавтори од 11 држави. Трудовите се објавени во Зборникот „Органска и функционална храна со рурален туризам – одржливост и иднина на Македонија и регионот на Југоисточна Европа“ во рамки на едицијата „EcoAgroTour – за одржлив развој“.
Според организаторот, една од нивните клучни општествени задачи е науката да ја доближат до аграрот и до младите на начин што е разбирлив, применлив и животно релевантен.
„На конференцијата се застапени голем број факултети, не само од нашата земја, туку и од државите од регионот. Дополнително, присутни се и научници кои доаѓаат од различни делови на светот, што на оваа конференција ѝ дава посебна тежина и значење. Нашата цел е оваа конференција да не биде само уште еден настан во календарот, туку место на средба на знаење, искуство и нови идеи, каде што ќе се раѓаат соработки со долгорочно значење за развојот на аграрот, науката и младите луѓе во целиот регион, потенцира претседателот на Организациониот одбор на „Агромак“.