Околу 16.000 сообраќајни прекршоци, а 74 лица лишени од слобода за безобѕирно управување на возило евидентира Министерството за внатрешни работи во текот на месец јануари годинава на патиштата низ земјава.
Од вкупно 15.943 издадени платни налози, 3.683 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење. Од 74 лица лишени од слобода, дури 67 лица се за возење под дејство на алкохол.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчеравечер беше во посета на компјутерскиот центар на „Безбеден град“ во СВР Скопје и соопшти дека во огромен број граѓаните ги почитуваат сообраќајните правила.