По повод еден век успешно постоење деновиве е промовирана и монографијата „100 години КУД Панче Пешев – Куманово“. Свечениот настан се одржа во Занаетчиски дом, под покровителство на Општина Куманово и Министерство за култура и туризам на РСМ.
Претседателот на друштвото Зоран Илиевски и градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски на промоцијата ја истакнаа значајната улога на „Панче Пешев“ во зачувување, негување и пренесување на македонската традиција, фолклор и културно наследство низ генерациите.
Монографијата ја промовираа авторите и уредници на изданието, м-р Благица Илиќ и доц. д-р Стојанче Костов.
Во рамките на културно – уметничката програма присутната публика проследи македонски песни и инструментални изведби на народни нумери во придружба на изворниот оркестар и првиот ансамбл, како и рецитал.
Во знак на благодарност за придонесот во развојот и афирмацијата на Друштвото, беа доделени благодарници, плакети и монографија на членови од сите возрасти, покровители и спонзори. Со особена почит беше врачено и постхумно признание на Мирон Спасовски, долгогодишен член на КУД „Панче Пешев“, чиј придонес ќе остане трајно врежан во историјата на Друштвото.