„Улогата на месните заедници и вклученоста на жените во раководството“ е насловена јавната трибина што се одржа денеска во Куманово, во рамките на Годишната програма за работа на хуманитарното здружение „Мајка“.
На трибината се говореше за значењето на месните заедници како важен механизам за учество на граѓаните во локалното одлучување, како и за можностите за поголема застапеност и активно учество на жените во структурите на месните заедници.
Активноста се реализира со финансиска поддршка преку институционален грант од „Акција Здруженска“, во рамките на Фондот за поддршка на локалниот женски активизам, финансиран од Kvinna till Kvinna и Шведска.
На трибината беше потенцирано дека од вкупно 68 месни самоуправи, 16 се урбани заедници, а само половина од вкупниот број, односно 34 активно работат.
„Значајно е тоа што се повеќе се зголемува бројот на жените кои што вклучуваат во раководството на месните заедници. Во четири месни заедници каде што почнавме да спроведуваме избори, само во една немаше претставничка од понежниот пол. Доколку бројката порасне секако дека ќе се сменат условите и работата на многу подобро. Благица Јовановиќ, можам да кажам, дека ме одушеви на последниот избор, месна заедница каде претежно претходно, во минатото имало една жена претставник, меѓутоа не така борбена. Благица зеде учество само да влезе во структурата, но на крајот ја предложија да биде дел од раководството на месната заедница“, истакна Сања Јаќимовиќ – Петковска, претседателка на Комисијата за месни самоуправи.