Министерството за финансии донесе нов Правилник за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа. Новиот Правилник произлегува од дoнесувањето на новиот Закон за игрите на среќа.
Со овој подзаконски акт детално се пропишува потребната документација за потврдување на репутацијата на сите правни и физички лица кои поднесуваат барање за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.
Апликантите се должни да достават документација со која се докажува исполнувањето на условите за репутација, односно документација која е меѓу другото поврзана со изречени санкции за забрана за вршење професија, потоа дека не е изречена казна за забрана за приредување на игри на среќа и слични околности кои се значајни за нивното учество во приредувањето на игрите на среќа.
Правилникот воспоставува и строга контрола врз потеклото на средствата во основната главнина.