Се гради потпорeн ѕид на училиштето во селото Сопот. Училиштето ќе добие и нова ограда, пред се од безбедносен аспект за учениците, потенцира градоначалникот Зоран Дамјановски. Заедно со претставници на локалната самоуправа , Дамјановски излезе на терен и лично се увери како одат градежните работи . Инвестицијата во Сопот е на УНДП, а свои вложувања има и општината.
-Ова е погранично село кое исто така е зафатено од бегалската криза и од тој аспект УНДП влезе со инвестиција како барање на месната заедница за поставување потпорен ѕид и безбедност на сообраќајницата во самото село. Локалната самоуправа тука инвестираше санитарни јазли заедно со УСАИД и септичка јама заради безбедност и хигиeна на учениците, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово
Но, изградбата на потпорниот ѕид не е единственото барање на жителите на ова село.
-Најчесто се комуналните проблеми, инфраструктурата. Приодниот пат до селото е во добра кондиција, но улиците во самото село се потреба на жителите на ова мултиетничко село, додаде Дамјановски.
Според податоците од последниот попис во 2002-та година во селото живеат 318 жители , претежно од албанска националност.