Намален бројот на заболени од грип

168 пријави за новозаболени лица од грип пристигнале во центарот за јавно здравје во текот на првата недела од годинава. Споредбено со последната недела од минатата година , според епидемиологот Јадранка Стаменковска за 34 проценти е намален бројот на пријавени заболени. Намалениот број на заболени од грип, како што велат надлежните е регистрирано со започнувањето на зимскиот распуст.

-Од почетокот на сезоната до 52-та недела има вкупно 1.027 случаи , во декември месец 891 случај што тогаш беше најголемиот пораст на заболени лица од грип. Оваа недела исто така најзастапена возрасна група беа заболените од 15 до 64 години , потоа следеше возрасна група од пет до 14 години, односно школската возраст. Со започнување на зимскиот распуст се бележи ова намалување меѓутоа ние очекуваме тенденција на пораст на заболените од грип во текот на наредните недели знаејќи дека минатата година и претходните години најголем пик на ова заболување сме имале во месеците јануари  и февруари со исклучок на онаа пандемска година 2009 /10 –та кога исто така тогаш започна сезоната на грип порано,  во месец декември со 5.000 случаи во текот на тој месец, изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог

Од заболените, 38 лица  побарале лекарска помош на инфективното одделение , од кои само четворица се хоспитализирани.

-Вкупно во текот на сезонава има 217 лица кои што побарале помош на инфективното одделение што биле амбулантски прегледани и дваесет хоспитализирани случаи. Од потешки случаи во овој период не сме имале , освен некои компликации воспаление на белите дробови или синуси , така што не сме имале потешки случаи , изјави Јадранка Стаменковска, епидемиолог

Грипот не го поштедува никого затоа докторите советуваат граѓаните да делуваат превентивно за да се заштитат од ова заразно заболување.

Редовно миење на рацете, избегнување групно собирање, внесување на витаминска храна, редовно проветрување на просториите каде престојуваат заболените, препорачуваат надлежните.

Коментари

коментар(и)