22 годишниот кумановец Виктор Петковски го фати крстот во базенот во дворот на соборниот храм „Свети Никола“.Тој годинава беше најбрз меѓу дваесетмината најхрабри кумановци кои посакуваа крстот да е во нивните раце. Петковски по седми пат учествува на оваа традиционална манифестација, а крстот по втор пат завршува кај него.
На најсреќниот денеска црквата му подари икона, а верниците го даруваа со пари и го бакнуваа светиот крст. Фрлањето на крстот го следеа бројни граѓани од сите генерации. За повозрасните ова е еден од најголемите христијански празници посветен на крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан. Тие им порачуваат на младите да ја негуваат традицијата и да скокаат по крстот на Водици.
Пред чинот на фрлањето на крстот, во црквата „Свети Никола “ со литургијата чиноначалствуваше митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф. Освен граѓани, на литургијата присуствуваа претставници на повеќе политички партии, државни институции и јавни претпријатија во градот.