Црвениот крст на Република Македонија денеска го одбележува 8 мај – Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина. По тој повод беше промовирана и поштенска марка, а во рамки на одбележувањето беа организирани и серија други настани во сите 34 општински организации на Црвениот крст и Црвениот крст на град Скопје.
Низа активности наредните денови ќе организира и општинската организација на Црвен крст од Куманово.
– Нашата општинска организација на Црвен крст Куманово има низа на активности. Првата од нив е со невладината организација Крепост , на неколку социјално загрозени семејства ќе им донираме помош во вид на храна и хигиенски средства, како и облека. Втората активност ќе биде на 12 –ти мај со основното училиште Крсте Мисирков ќе организираме изложба каде што ќе им ја претставиме на нашите граѓани работата на нашата општинска организација и во кои дејности работи, изјави Филип Кузмановски, волонтер во ОО на Црвен крст Куманово
Општинската организација има 30 активни волонтери , но бројката варира бидејќи постојано се организираат различни обуки на кои што млади лица доброволно се обучуваат на различни теми во областа на прва помош , крводарителство, за хив инфекција и слично.
Инаку, светскиот ден на Црвениот крст и на Црвената полумесечина се одбележува во сите 190 национални друштва во чест на основоположникот на движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина Анри Динан, швајцарски трговец, кој е роден токму на 8 мај.
Црвениот крст и Црвена полумесечина е во основата на меѓународното хуманитарно дејствување и на модерното меѓународно хуманитарно право.