Mинистерот Спасовски на завршниот настан од твининг проектот „Градење на институционалниот капацитет на Истражниот центар“

Во Европската куќа – ЕУ Инфо центарот во Скопје денеска во присуство на амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир, министерот за правда Никола Тупанчески, јавниот обвинител Љубомир Јовевски, амбасадорките на СР Германија и Република Хрватска, Анке Холштајн и Нивес Тигањ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски имаше обраќање на завршниот настан од твининг проектот „Градење на институционалниот  капацитет на Истражниот  центар“, чија што реализација финансиски беше целосно поддржана од ИПА програмата  на Европската Унија за 2016 година.

„Подобрувањето на ефикасноста и ефективноста на кривично-правниот систем, преку успешно функционирање на истражниот центар, е еден од приоритети на оваа Влада. Министерството за внатрешни работи, како еден од главните чинители во превенцијата и борбата против сите појавни облици на криминал, во рамки на своите надлежности ги презема сите неопходни мерки и активности со цел зајакнување на своите капацитети и ресурси“, ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно обраќање, потенцирајќи го фактот дека ЕУ во изминатите години овозможи реализација на многубројни проекти, со што МВР доби значителна поддршка во спроведувањето на реформските процеси.

Притоа, министерот Спасовски нагласи: „На овој начин, преку зајакнување на сопствените капацитети, даваме целосен придонес и поддршка за ефикасно функционирање на Истражниот центар, каде веќе се упатени искусни полициски службеници,  а чиј приоритет е борбата против сите современи форми на сериозен и организиран криминал, корупција и тероризам“.

Осврнувајќи се накусо на процесите што претходеа на овој твининг процес, министерот рече дека со овој значаен проект од аспект на меѓуинституционалната соработка и оперативност значително ќе се унапреди спроведувањето на Законот за кривична постапка, во делот кој се однесува на воспоставувањето на ефикасен Истражен центар.

Говорејќи за фазното реализирање на самиот проект министерот Спасовски особено го акцентираше фактот дека во текот на имплементацијата на овој проект, за потребите на институциите беа изработени Анализа на постојната законска рамка за организација и функционирање на Истражниот центар, Препораки за подобрување на ефикасноста и ефективноста на Истражниот центар, Стандардни оперативни процедури (СОП) и други подзаконски акти за спроведување на заедничките истражни активности, како и Меморандум за соработка помеѓу Јавното обвинителство и МВР.

„Дополнително, со овој проект се обезбедуваат услови за водење ефикасни и мултидисциплинарни истраги, но и предуслови кои во иднина ќе обезбедат цврста евиденција за прогресот на предистражните активности, обвиненијата презентирани пред судовите што, исто така, во основа ќе обезбеди подобра заштита на човековите права за лицата во предистражните постапки, како и во истражните и судските процедури“, потенцираше министерот Спасовски, упатувајќи благодарност и до Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ) и до Министерството за правда на Република Хрватска, за успешно имплементирање на активностите и постигнатите резултати од овој значаен проект.

 

Коментари

коментар(и)