Претставата „Сакатиот од Инишман“ во режија на Јане Спасиќ и монодрамата „КОСА: Порои за бес“ на Бојан Кирковски, во режија на Биљана Радиноска се дел од богатата културна програма на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ што ја одбележуваат последната седмица од февруари.
Љубителите на театарската уметност имаа можност претходните две вечери да уживаат во изведбата на „САКАТИОТ ОД ИНИШМАН“ во која играат: Кети Дончевска Илиќ, Нина Максимова, Мирослав Петковиќ, Жарко Јовановиќ, Никица Јанковски, Анастасија Трајковиќ, Марко Трајковиќ, Давид Илиќ, Владанка Крстевски.
„Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона е црна комедија која можеби делува како сурова сатира за животот во изолирана островска заедница, но во суштина е длабоко човечка приказна за потребата од припадност и љубов. Преку ликот на Били Клејвен — сирак со физичка попреченост кој сонува за бегство — драмата ја разобличува суровоста на малите заедници, каде што различноста лесно станува повод за потсмев и исклучување.
Мекдона вешто комбинира брутален хумор со моменти на нежност, создавајќи свет во кој смеата и болката постојат истовремено. Иако ликовите често делуваат карикатурално, нивната осаменост и страв од напуштање ги прават длабоко препознатливи. Драмата ја руши романтичната претстава за идилична Ирска и наместо тоа прикажува реалност исполнета со сиромаштија, озборување и скриени трауми.
Утревечер (четврток) со почеток во 20 часот во мала сала – Театар, во НУЦК „Трајко Прокопиев“ ќе се изведе „КОСА: Порои на бес” – црна комедија што го истражува парадоксот на современиот човек. Сместена меѓу стенд-ап и исповед, оваа монодрама ги отвора прашаньата за токсичната машкост, социјалната надмоќ и невидливите механизми на агресијата што ja обликуваат нашата секојдневност.
Бојан Кирковски актерски отсликува серија на живописни и контрастни ликови – од скитници до милионери – претставата создава колаж од гласови каде што секој глас на свој начин се обидува да ja задржи контролата во свет што одамна jа има изгубено рамнотежата.
Билети можат да се купат во билетара во Центарот за култура Куманово. Работно време од 10:00 до 14:00 и од 17:00 до 20:00 часот.
Настаните од областа на културата продолжуваат и во текот на март годинава.
Во чест на Меѓународниот ден на жената – 8 Март ќе се одржи традиционалната изложба „Жените и фотографијата“, а настап ќе има и детско-младинскиот фолклорен ансамбл на десетти март годинава.