Честите дефекти на семафорите создаваат сериозен сообраќаен метеж и ја загрозуваат безбедноста на учесниците во сообраќајот. Без разлика дали станува збор за физички оштетувања на семафорите како последица од сообраќајни незгоди, застарена опрема, прекини во електричната мрежа заради временски непогоди или пак намерно оштетени од несовесни граѓани, надлежните служби би требало навремено да ги санираат дефектите, реагираат граѓаните.
Во Куманово подолг временски период не работат семафорите на булеварот „Октомвриска револуција“ кај реонското пазарче. За отстранување на дефектите треба да се одвојат од буџетот дополнителни финансиски средства, посочуваат од Општина Куманово.
– Три семафори се урнати, двата во невремето, третиот во сообраќајна несреќа. Најголем проблем е што е урнат и главниот контролен ормар, главна автоматика за контрола на сите семафори на „Трета МУБ“. Успеавме да го отстраниме тој дефект, но остана проблемот кај Зелен пазар, а дополнително повикани се екипи и ќе треба да се обезбедат дополнителни финансиски средства, и за семафорите на крстосницата кај поранешен маркет Туш, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.