Гимназијата „Гоце Делчев“ денеска со пригодна приредба го одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари.
„Јазикот е единствената наша татковина“ е познатата мисла на Блаже Конески (еден од кодификаторите на современиот македонски јазик), која ја нагласува суштинската поврзаност меѓу македонскиот јазик и националниот идентитет. Мислата на Конески е и мотото на денешната драмска претстава во изведба на кумановските гимназијалци, под менторство на наставничките по македонски јазик, Ангела Петковска и Лидија Тасевска.
Со рецитали, песни, драматизации на македонски, српски, албански и ромски јазик пред присутните гости се претставија и ученици од неколку основни и средни училишта од Куманово.
Инаку, меѓународниот ден е одреден во насока на промоција, негување и афирмација на сите јазици што ги користат народите во светот.