За православните верници денеска почнува божиќниот пост, кој подразбира воздржување од мрсна храна, лоши мисли и дела во наредните 40 дена.
Постот подразбира воздржување од храна, лоши мисли и страсти во одреден временски период. Целта на постот е да се исчисти душата и телото, а во божиќните пости се подготвуваме за најрадосниот празник – раѓањето Христово, односно Божик.
Во текот на овој пост не се јадат намирници од животинско потекло, но дозволени се зејтин и вино, во сите денови, освен во среда и во петок, кога е строг пост. Риба се јаде секоја сабота и недела како и на празникот Воведување на пресвета Богородица, дури и ако празникот падне во среда или во петок.
По постот, кој трае шест недели, верникот пристапува на светите тајни на исповедта, покајание и причест. Меѓутоа, постот не се состои само од воздржување од храна и пиење, туку и од одрекување од зли мисли, желби и дела.