Во 2026 година, а заклучно со 18.08.2026 година, во Македонија се регистрирани вкупно 38 случаи на западно-нилска треска, информираат од Институтот за јавно здравје.
Според ИЈЗ, од регистрираните случаи, а согласно дефиниција на случај, 36 се водат како потврдени, а два како веројатни. Според место на живеење на заболените, 37 случаи се од Скопје, а еден од Велес. Регистрирани се 37 автохтони случаи и еден случај со историја на патување во Грција, но инкубацискиот период покрива и престој во Македонија. Од регистрираните случаи (38), 28 се машки, а 10 се женски. Во однос на возрасната дистрибуција, најголем дел се лица на возраст над 60 години – 33, четири се лица на возраст од 50-59, а едно лице на возраст од 20-29 години. Просечната возраст изнесува 67,3 години (SD ± 11,2 години; min 25, max 83).
Сите регистрирани случаи во 2026 година се кај лица кај кои е регистрирана невроинвазивна болест (енцефалитис и/или менингитис) и сите биле хоспитализирани, 37 во УК за инфективни болести и фебрилни состојби и еден во Аџибадем Систина.
Во текот на 2026 година, до 18.08.2026 година, регистрирани се 4 смртни случаи кај пациенти со невроинвазивна болест на ЗНТ. Се работи за машки лица на возраст од 62-83 години, од Скопје кои биле хоспитализиран во КИБФС. Кај три починати лица се регистрирани коморбидитети. Дијагнозата е потврдена со серолошко испитување на ликвор. Во текот на изминатата недела (12-18.08.2026), пријавени се 12 нови случаи. Регистрирани се 3 нови смртни исходи, соопштија од Институтот за јавно здравје.