„Владата на седница донесе одлука за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите“, соопшти Марија Митева, портпарол на Владата.
Според Митева, Националниот комитет ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите, да ја унапредува соработката меѓу институциите и медиумската заедница и да изработи Национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите најдоцна до 15.12.2026 година, во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки.
Планот ќе се темели на четири суштински области: превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите и промоција и едукација.
„Како Влада сакаме посебно да се стави фокусот на новинарите кои секојдневно работат на терен, кои истражуваат теми од јавен интерес, кои известуваат во сложени околности затоа што нивната професионална безбедност не смее да зависи од темата за која известуваат или од тоа дали нивните прашања и објавени информации некому му одговараат. Институционалната заштита мора да биде еднаква за сите новинари, без селективност и без никакви разлики“, истакна Митева.