ВИДЕО: Се поднесуваат барања за образовен додаток

Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа Куманово врши прием на барања за остварување на правото на додаток за образование за учебната 2022/2023 година (за ученици во основно и во средно образование).

Правото на додаток за образование го остварува мајката на детето-редовен ученик во основно и/или средно образование согласно Законот за заштита на децата.

Ова право се остварува во зависност од материјалната состојба на домаќинството и истото може да го оствари дете во домаќинство чии вкупни просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото по сите основи на сите членови во домаќинството се во висина до прагот за пристап на правото на додаток за образование согласно Законот за заштита на децата.

За корисниците на гарантирана минимална помош согласно Законот за социјалната заштита, не се утврдува материјалната состојба на домаќинството.

Исплатата на оствареното право на додаток за образование за дете/ца се врши на мајката доколку детето/цата редовно присуствува/аат на најмалку 85% од вкупниот број на реализирани наставни часови во тековната година.

За учениците во основно образование надоместокот изнесува 2.211 денари, додека за учениците во средно образование надоместокот изнесува 3.158 денари кој се исплаќа на квартално ниво или на секои 3 месеци  што вкупно по дете ученик во основно образование изнесува 8.844 денари, додека за дете во средно образование 12.632 денари на годишно ниво.

За учебната 2021/2022 година ова право преку кумановскиот  центар го оствариле вкупно 3.646 деца од кои 2.560 ученици во основно образование и 1.086 ученици во средно образование.

Барањето за остварување на правото на додаток за образование се поднесува до надлежниот центар за социјална работа, за корисниците од општина Куманово и Старо Нагоричане во просториите на детска заштита, за корисниците од Општина Липково во просториите на Службата во Липково.Освен барањето кое корисниците можат да го добијат на шалтерските служби задолжително се доставува потврда за редовно школување издадена од училиштето кое детето го посетува.

 

Коментари

коментар(и)